Колку пати сме се нашле во ситуација во која нашите деца ни поставуваат прашања на кои не можеме да дадеме едноставен одговор, бидејќи и самите сме зачудени пред нивната тежина, длабочина и проникливост? Така од детските мисли, како гром од ведро небо, знаат да одекнат прашања како што се: Каде сум бил пред да се родам? Што е тоа љубов? Зошто се случуваат лоши нешта? Како да бидам сигурен дека соништата не се вистински? Што е времето?…
Овие прашања не се нешто што треба да се одбегнува, туку напротив, детето треба да се охрабрува да ги гради своите размислувања на овие теми бидејќи тие претставуваат автентичен и творечки израз на неговата егзистенција во светот кој за него е ново, чудесно и возбудливо место.
Училницата по филозофија има за цел да ги негува и развива детската вчудовиденост, љубопитноста, критичкото и творечко мислење и имагинацијата, врз база на принципот „не постои погрешен одговор“, без притоа детето да биде наведувано или да му бидат наметнувани гледишта и ставови кои самото низ својот критички апарат ги нема промислено.
Истовремено, низ стручно адаптиран мултимедијален методички пристап, кој вклучува користење на кратки приказни, уметнички слики, фотографии, музика и кратки филмови, заснован на заедничко истражување низ дијалог и игра, децата се стекнуваат со социјални вештини како што се: меѓусебната почит, разбирање, соработка и емпатија.
Сето тоа води кон градење на критички, креативни и прогресивни индивидуи, кои се способни да оддолеат на секаков вид на пропаганда и заведување и кои поседуваат високо ниво на самосвест и самодоверба, но притоа се оплеменети со чувство за општествена одговорност, почит и љубов кон другиот. Затоа филозофијата со деца е нашироко промовирана низ светот од страна на УНЕСКО како основа за интеркултурен дијалог и општествена трансформација.
Училницата за филозофија со деца е остварена во соработка со Филозофското друштво на Македонија и е наменета и адаптирана за деца во две возрасни групи од 7 до 9 години и од 10 до 12 години.