Сара и Миро – Училница за креативно пишување за деца

Сара Цветановска е мајка на Миро кој има 8 години и ја посетуваше Училница за креативно пишување за деца. Миро посетуваше приватна училница, која како и секоја друга Училница, еден на еден, беше дизајнирана да одговори на уникатните потреби на детето. Училницата за креативно пишување го запозна Миро, кој живее во Германија, а има македонско потекло, со македонската книжевност за деца и култура. Часовите беа посветени на читање и пишување. Миро покажа исклучителен напредок во употребата на македонскиот јазик и интерес за анализирање на книги од македонски автори за деца. Прочитајте го искуството на Сара и уживајте 🙂
Зошто решивте дека Вашето дете треба да посетува Училница за креативно пишување?
Миро расте билингвално, а во средината каде што живее зборува македонски речиси само со мене. Па така напредокот во однос на македонскиот јазик почна да забавува до степен што ме загрижи. Тогаш решив да побарам интерактивна содржина на македонски јазик која ќе му биде интересна и ќе му помогне со јазикот. Неговата љубов кон книгата сама посочи кон активност од овој тип, па можноста да обработува македонска детска книжевност во Училница испадна таман.
Зошто креативното пишување е важно за детето?
Важно е креативноста да се поттикнува, а Миро е дете што сака приказни и знае со зборовите. Мислам дека за децата надарени на овој начин креативното пишување и раното запознавање со основните книжевни елементи може да им помогне да го развијат својот потенцијал, а многу ретко се нуди како додатна активност за деца.
Кога забележавте дека има љубопитност за книги?
Миро уште на 3 години со концентрација ислушуваше долги аудио приказни. Потоа во развојот на говорот пројави изразита елоквентност. Тоа беа некои рани знаци, а кога научи да чита веќе стана очигледно, бидејќи чита во секој слободен миг.
Дали Вашето дете сега е позаинтересиран за читање и пишување?
Па за читање не знам дали може да биде позаинтересиран од што е, но верувам дека курсот му даде поттик за пишување.
Кое беше најинтересното искуство на Вашето дете со креативното пишување?
Еден од часовите непосредно пред мојот роденден содржеше вежба за креативно пишување каде повеќе зборови требаше да се вградат во приказна. По завршувањето на часот Миро беше возбуден и ми даде да си изберам неколку зборови заради некое изненадување. Изненадувањето беше фантастична приказна напишана на македонски со сите зборови што си ги одбрав, како роденденски подарок. Мислам дека тоа не направи двајцата многу среќни и горди.
Колку е Вашето дете задоволно од менторките?
Според тоа што јас можам да го видам, а тоа е дека од часот излегува насмеан и со нови идеи, можам да речам дека е баш задоволен.
Кои се според Вас, увидените придобивки за детето од Училницата по креативно пишување?
Освен подобрувањето на македонскиот јазик и запознавањето со македонската книжевност во нашиот случај, мислам дека кај децата со интерес за книжевност е одлично да здобијат алатки за анализирање и создавање на книжевност од рана возраст и да ја видат не само како материјал за консумација туку и како можност за изразување. Така љубовта кон четивото се издигнува од рамниште на „сакам да читам книги во слободно време“ кон „моето хоби е“ или „се занимавам со“. Помага на детето да го освести, дефинира и именува својот интерес.
Дали би ја препорачале на пријателите и нивните деца?
Во секој случај. Миро претходно посетуваше една Училница по филозофија за деца, и таму го разбравме принципот и вредностите што Училница ги негува: стручен и адекватен пристап кон материјата и учениците. Затоа побаравме и Училница за книжевност што Марија и Ивана ја формираа според возраста и интересите на Миро, и сме уште позадоволни.
Дали има нешто што не Ви се допадна или нешто што би сакале да се подобри во часовите по креативно пишување со деца?
Јок. Благодарам, само напред!
- Толкување на книжевни дела
- Пишување приказна, следејќи примери на светски и македонски писател(к)и
- Вежби по креативно пишување за поттикнување на досетливо изразување, иновативност и логичко размислување
- Современа употреба на јазикот
- Пристап до онлајн платформа и медиум
- Сертификат за успешно комплетирање на Училницата
Училницата за креативно пишување и книжевно толкување е одлична можност децата да се запознаат со почетоците на книжевноста, митологија и фолклор, магичната моќ на приказните и растегливоста на јазикот. На часовите читаме и пишуваме проза и поезија. Пријавите за новите термини се веќе отворени, прочитајте повеќе овде и пријавете го вашето дете на 075 28 6666.