fbpx

Blog

Книги. Сите имаме прочитано барем една. Некои се бескрајно долги, други пак кратки и слатки. Сите книги се различни на свој начин, но исти во тоа што раскажуваат приказни.

Што е тоа приказна?

Од Прометеј до Итар Пејо, од уста на уста, од збор на збор, приказни се пишуваат секој ден. Тоа се измислени или вистинити стории за ликови, настани и времиња интересно испреплетени за да пренесат значајна порака. Од почетокот на времето, приказните се сведоштва за она што било, тие се поуки за она што треба да биде и повторлив обид да се зграпчи и замрзне недофатноста на сегашниот момент. Раскажувањето и создавањето приказни е неразделив дел од човековата природа. Тоа ни помага да споделиме информација, да креираме емоционални врски и реченица по реченица да ја разоткриеме мистеријата на постоењето. Сигурно се сеќавате на првата приказна која сте ја слушнале. Или можеби се сеќавате на човекот кој ви ја раскажал. Кој ви ја подарил вашата прва книга?

Во секоја култура, во секој “заборавен” дел од светот, традицијата на раскажување приказни е нешто што децата го добиваат од возрасните. На овој начин книгите секогаш го менувале и ќе го менуваат светот. Оваа промена е интимна и лична. Книга може да ги смени нашите ставови, може да го прошири нашиот светоглед и да отвори дискусија на теми, често подбутнати на маргините, а толку значајни за личниот развој. Приказните го менуваат човекот, а луѓето, еден по еден, го менуваат светот.

Со што може една книга да го збогати детето: 

Имагинација

“Леле Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?” 

Оливера Николова, „Зоки Поки“

Книгата е пасош за нови димензии, светови и вселенски простори. Со книгите се патува најлесно. Ова патување никогаш не е класично, од локација А до локација Б. Книгата е волшебно превозно средство што има моќ да го однесе малиот читател во секој град од светот, на секоја реална и нереална планета, во паралелен универзум, во минати и идни времиња. Преку читање на книги децата најлесно, преку пример, учат за другите луѓе, за други места, за случувања таму некаде далеку… Ова овозможува подлабоко разбирање за светот кој нè опкружува, за различните култури, но и за она што е близу до нас. Во светот на книжевноста не постојат граници исто како што не постојат граници кога станува збор за детската имагинација. 

Креативност

„Понекогаш помислувам на шест неверојатни работи пред доручек“

Луис Карол, „Алиса во земјата на чудата“

Креативноста е човекова одлика што избледува со растењето. Децата ја имаат во изобилство, додека ние возрасните често знаеме да ја заборавиме. Читањето книги е ментална гимнастика што ги растегнува мислите. Способноста  да се верува во соништата е одлика на генијалните умови. Многу е важно да ги научиме децата како да го откријат чудесното во секојдневното. Книгите со слики наменети за најмалите ги запознаваат со светот на уметноста. Тие стимулираат, освестуваат, им помагаат на младите да видат, почувствуваат и искусат. Приказните секогаш инспирираат креативност.

Љубопитност

Книгата знае да заскокотка, да замисли, да постави прашања. Добрата книга никогаш не завршува со последната страница. Приказните одговараат на прашања, но оние вистински добрите, многу повеќе поставуваат прашања.

Емпатија

„Погледни со добрина и ќе откриеш чудо.“

Р. Ј. Паласио, „Сите сме чудесни“

Не е голема тајна дека приказните, особено оние наменети за деца учат на емпатија. На сочувството секогаш му претходи разбирањето. Свесноста за Другото, за туѓите таги и радости создава внимателни луѓе со развиен систем на морални вредности. Ако се сложиме дека многу малку работи се црно-бели и дека животот функционира во една сива конфузија, тогаш е доста јасно дека свесноста за различноста ослободува. Слободата од осуда на другите и нивните избори секогаш води и до лична слобода. 

Комуникација

Од зборовни игри и пермутации до перипетии и персонификации, книгата инспирира необични комуникации. Читањето развива критичко размислување, отвора простор за дискусија, различни перспективи и помага во градење на сопствени ставови. Кажано еднаш, помислено два пати, процесот на читање треба да доведе до разговор. Книжевната анализа може да има бројни придонеси во понатамошниот живот на детето, да помогне тоа да се изразува полесно, концизно и секогаш поткрепено со факти.

Имајќи го ова на ум ја креиравме програмата на нашата Училница за креативно пишување за деца.

креативно пишување

 

Одлики на училницата за креативно пишување

 

  • Толкување на книжевни дела
  • Креативно пишување
  • Читање светски и македонски писател(к)и
  • Подготвување на текст
  • Дигитализација и современа употреба на јазикот во културата

 

На училницата за креативно пишување низ примери од светската книжевност ќе ги откриеме основните елементи на секоја сказна. „Кој, што, каде, кога, како?“. Преку светската митологија и фолклор ќе се запознаеме со улогата на книжевноста во разбирање на светот кој нè опкружува. Ќе патуваме низ времето и просторот со приказни од сите краеви за да стигнеме до современата книжевност. Училницата е прилагодена за деца во две возрасни групи од 10 до 12 години и од 13 до 15 години и почнува на 28 јуни. За пријава контактирајте нè на 075 28 6666.

 

marija boshkovskaАвторка: Марија Бошковска
Марија е дипломирана компаратистка на катедрата за Општа и Компаративна книжевност и менторка во Училница. При нејзината работа како наставничка има стекнато искуство со онлајн предавања, преку кои е запознаена со предизвиците на дигиталното образование. Преку работата во издаваштвото и водењето на платформата за култура „Пиреј“, таа е запознаена со новите книжевни текови, состојбата на книжевноста и културата на ова поднебје. Има пишувано книжевни и филмски критики, интервјуа, феминистичка анализа на популарната култура, бајки, академски и фикционални текстови, секогаш социјално ангажирани.

Со кликање на копчето „Ок, важи“ или со продолжување на користење на веб-страната, се согласувате да зачуваме колачиња за да го подобриме Вашето корисничко искуство преку анализа на употребата на веб-страната, подобрување на навигацијата и прикажување на релевантна содржина. Вашите податоци се безбедни! За повеќе информации проверете на Политика за приватност & Политика за „колачиња