Чкртките што живот значат или зошто цртањето е важно

Ајде нацртај ја мама, нацртај го тато, бато или дада.
И децата цртаат. Омилена техника – фломастер или мрсна боја на бел ѕид. Во тие прекрасни чкртки што живот значат се содржи сето детско поимање за светот. Цртањето е експресивна техника, преку која децата може да ги изразат своите расположенија, да ги споделат своите мисли и потреби. Експресијата е важна навика која треба да се негува кај децата за тие да можат полесно да комуницираат со околината.
Но, зошто се важни чкртките што живот значат?
Зошто пред зборот била чкртката. Сите ние сме визуелни суштества. Од самиот почеток на цивилизацијата, човекот се изразувал преку слики, бидејќи тие најдобро го опишувале сето она што тој не знаел или не можел да го искаже вербално или писмено. Од шарените отпечатоци на дланки во „Cueva de los Manos“ во Аргентина, до цртежите на праживотните во индонезиските пештери, пралуѓето преку цртежите се обидуваат да го објаснат светот. Од тогаш до денес светот еволуирал, но вредноста на формите, боите и текстурите што пренесуваат пораки никогаш не се изгубила, посебно кога зборуваме за децата и визуелната комуникација.
Кога децата се раѓаат, покрај звукот, првите нешта што ги осознаваат се светлината, темнината, формите и боите. Малку подоцна, тие ги откриваат моливите и фломастерите, но и својот уметнички белег кој обично го развиваат на ѕидовите и мебелот во домовите. Тогаш за децата, целиот свет претставува едно бело платно на кое можат да се изразат. Изразувањето најчесто се одвива преку слики и чкртки, уште децата пред да научат да го користат јазикот.
Тие цртежи нам ни отвораат прозорец со поглед кон интересите, имагинацијата, желбите, грижите и емоциите на детето, со што влијае позитивно на комуникацијата меѓу “големиот“ и “малиот“ човек. Без разлика на темпераментот на секое дете, визуелниот јазик му дава можност да не покани во својот внатрешен свет, на начин кој самото тоа го одбира.
Освен што помага при комуникацијата, цртањето кај децата може да поттикне и други предности, како самодоверба, решавање на проблеми, намалување на стресот, контрола на фините моторни движења, но и вербално изразување.
Зголемена самодоверба
Самодовербата се зголемува преку чкртките бидејќи слободата при активноста му пружа на детето отворени можности без да се наведе што е „правилно“, а што е „погрешно“. Поради тоа, исклучително е важно детето да се чувствува успешно без разлика колкави се неговите можности, или пак во која развојна фаза е.
Со цртањето детето истовремено учи како да дојде до решенија и да ги реши проблемите, бидејќи за време на креативниот процес тоа има можност да прави свои избори за како ќе изгледа неговото мало, но големо, уметничко дело.
Правилно емоционално изразување
Со секоја чкртка се намалува стресот. Исто како и кај возрасните, децата понекогаш може да бидат изложени на стрес. Цртањето е само еден од начините на кои децата може да се ослободат од стресот и на здрав начин да ги искажат своите чувства.
Развивање на моторика и координација
Цртањето помага и кај моторната контрола. Работењето со четки, или останати мали алатки ја развиваат моториката, но и координацијата помеѓу очите и рацете.
Чкртките се сетилно искуство. Детето си гради база на знаења во кои складира различни сетилни искуства – како на допир се чувствува хартијата, какво е чувството да се црта со прсти или какво е чувството кога четката се лизга по хартијата. Сетилните искуства се важни бидејќи помагаат детето да го разбере светот околу себе.
Чкртките помагаат да се развива вербалното изразување. Помислете на детската среќа кога детето со вас сака да го сподели својот најнов цртеж, па непрестано објаснува за важното значење на секоја чкртка. Зграпчете ја приликата да го прашате што претставува цртежот. Само преку такви прашања кои немаат конкретен одговор, пополека ќе ги зголемувате детските вербални способности.
Талентите не се раѓаат, талентите се негуваат. Секое детскo кроки, дел од нивната експресија, може да е чкртка која живот значи за нив. Како што вели англискиот сликар Дејвид Хокни:
„Цртањето бара време. Секоја чкртка во себе содржи време“.
Оттаму, секое време дадено на децата за себе експресија, значи давање време тие да се развијат во талентите кои се.
Одлики на училницата за стрип
- Градиме замислени карактери
- Ги оживуваме омилените карактери
- Преку гримаси и гестикулации дизајнираме карактер
- Учиме да се изразуваме без букви
- Ги сместуваме карактерите во приказна
- Експериментираме со материјали и создаваме први сцени
- Го изготвуваме стрипот, му даваме име и уметнички потпис
Училницата за цртање стрип им нуди можност на децата да раскажуваат свои приказни, да испратат пораки и да му зборуваат на светот преку слики. Ќе создаваат свои реалности, ќе ги обработат настаните кои им се случуваат, ќе се забавуваат како еден мал, шарен уметнички колектив, во кој ќе учат да си помогнат, да ги покажуваат своите творечки експерименти и резултати, да се слушаат едни со други, притоа заменувајќи ги домашните ѕидови како медиум со хартија. Нова Училница за стрип почнува со часови на 14 јуни. Пријавите се отворени овде