fbpx

Blog

srekjen rodenden

Ѕвончето ѕвони една година!
Среќен роденден Училница!

Кои сме ние, што е за нас и што ѝ посакавме на Училница?

Ние сме две Марии, Јуле, Ива и Ивана.

Јуле

„Зошто не нацрташ како ме доживуваш наместо да ми пишеш?
Те цртам веќе година дена и сите тие слики повеќе зборуваат за сè што ни се случуваше отколку било кој напишан збор. Зборуваат за љубопитноста, сомнежите, стравовите, возбудите и предизвиците кои ги доживувавме заедно. Зборуваат за сите нешта на кои ти ме научи, за љубовта помеѓу стравот и храброста.“

Марија Б.

„Среќен роденден Училница, јас никогаш не научив да пишувам роденденски честитки, затоа што не сметав дека растењето е причина за славење. Но, тоа не е случајот со тебе. Кога те запознав беше само визија, мисла во зародок. Со внимание и многу љубов ти започна да растеш и додека трепнам направи една година. Сега си место,точка во хаосот, каде прибегнувам секогаш кога сакам да научам нешто ново за себе, кога сакам да сум слободна и најважното, кога ми недостасува насмевка.“

Ива

„Драга Училница,
Те паметам уште од кога беше мало бебе идеја. :blush: Кога Марија раскажуваше за тебе кај сите будеше инстант среќа, некоја неопислива енергија и позитива за нешто што во тоа време беше само замисла. Многу сум среќна што денес, 1 година од твоето раѓање, истата таа енергија и среќа ја гледам на ликовите на дечињата кои се дел од Училница.
Фала ти што само уште еднаш ми потврди дека со упорност и труд сите убави идеи се остваруваат. Фала ти за радоста, за топлината, за надежта за посреќно и поубаво утре.
Да славиме уште многу родендени и да броиме уште многу насмевки! :heart:

Ивана

„Среќен роденден Училница, ти си ми приказна која станува реалност со секоја моја испишана буква.
Пиши-бриши, пиши бриши – уште те пишувам и полека, но сигурно се развивам како што заеднички ги развиваме знаењата на децата. Ти си моја точка и моја вселена. Место каде што можам да бидам тоа што сум. Омилен хаос, но не од притисоци, туку само од предизвици. Се надевам дека полека ќе ги освојуваме заедно. Веќе една година со бебешки чекори се обидуваме да го освоиме Монт Еверест, патување кое е повеќе од авантура. Ти посакувам да бидеш бескрајна приказна, вечерна приказна, како оние што се раскажуваат пред спиење, исполнета со уште многу предизвици и заеднички победи. Среќен роденден Уличница, денеска ѕвончињата нека ѕвонат за тебе.“

Марија З.

„Еј Училница!
Кога доаѓаат вакви времиња, баш и немам зборови. Не знам како. Има и други работи што не знам. Не знам на пример што ме научи во оваа мината година. Не знам како се прави Училница во светска пандемија. Не знам како да не си ги видам луѓето со кои работам. Не знам како да не се соочувам. Не знам како луѓето веруваат во планови. Нема рецепт кој функционира. Нема прочитана книга која помага. Што знам? Знам дека бескрајно сум ти благодарна за луѓето и за децата! Знам и дека имало подобри времиња! Ама ова е наше! Среќен ти роденден!“

Со кликање на копчето „Ок, важи“ или со продолжување на користење на веб-страната, се согласувате да зачуваме колачиња за да го подобриме Вашето корисничко искуство преку анализа на употребата на веб-страната, подобрување на навигацијата и прикажување на релевантна содржина. Вашите податоци се безбедни! За повеќе информации проверете на Политика за приватност & Политика за „колачиња