fbpx

Лабина Митевска е мајка на Вега која има 8 години и ја посетуваше Училницата за филозофија со деца. Лабина е позната на јавноста како актерка и една од македонските најплодни продуцентки. Во склоп на својата професионална кариера, Лабина има продуцирано и играно во многу филмски дела. Но, низ нашиот разговор во една малку поинаква улога, како посветен родител на бескрајно љубопитната и паметна Вега.

Вега е преталентирано девојче кое покажа неверојатен интерес на темата и сосема оправдано си го носи името 🙂


Зошто решивте дека Вашето дете треба да оди на Училница за филозофија?

За нас Училница и целиот програм што го нудите е откровение на деценијата. Едноставно децата ги третира како рамноправни учесници во ова општество, со свои мислења и ставови. И ова се почитува на секоја работилница. Одамна со Вега дискутираме и читаме филозофија за деца. Пред неколку години читајќи една статија во Гардијан по направена студија образложуваа колку е важно на децата од најмала возраст да им се гради знаењето по и со филозофија. Овој експеримент вродува со такви позитивни резултати што се размислува за се поголем, ако не и целосен и најран опфат на децата уште од првите учебни години. Со Горан, татко ѝ, дискутиравме, купивме книги и почнавме ова да го применуваме по дома. И кога ја видовме понудената училница, се разбира дека се воодушевивме и поитавме да ја запишеме Вега, затоа што само заедно со други деца, врсници секое дете се развива во својата природна средина.

Забележувате ли промена, прашува ли повеќе прашања? Можеби почесто бара објаснувања за нештата околу себе?

Уф, Вега е дете кое постојано прашува и бара одговори. Оваа училница ни направи уште поголеми “проблеми”, бидејќи секогаш кога вечераме мораме да дискутираме или за филозофија или за астрономија, да ги слушаме нејзините предавања и размислувања, и како родители навистина уживаме во ова. Но, начинот на кој беше водена работилницата, извонредниот педагошки пристап до умните главчиња на сите деца кои учествуваа, длабочината на нивните мисли, па ако сакате и зрелоста на промисла која ја покажуваа (да, признаваме – прислушкувавме и уживавме на секој час), нè воодушевија, но некако и ја охрабрија Вега уште посмело да зазема сопствен став и подготвено да го брани и аргументира.

Како Вашето дете си поминува на часовите? Што Ви раскажува, кои се неговите/нејзините искуства?

Секој час нè уверува дека доживотно ќе има часови филозофија и дека никако не смееме да ја отпишеме. Со огромна страст и ентузијазам зборува за секој час, за секое нејзино мислење и став, за ставовите на соучениците и зашто се сложува со некои од нив, а зошто со некои не се сложува. Со нејзини зборови – ова се најдобрите часови во целиот нејзин живот!

Која е најинтересната случка која вашето дете ја раскажува од часовите?

Вега: нашата дискусија за кои сме ние, што сум јас, за ништо и што е ништо, за другарство … во суштина сè, сè ми беше интересно, секој час.

Што би издвоиле како особено добро од Вашето искуство како родител чие дете ја посетувало Училницата за филозофија?

За нас е од особено значење да Вега сфати дека постојат добро изградени различни мислења и несекогаш има една ултимативна вистина. Овие часови и неверојатните предавања ѝ го посочија тоа. Дека е важно да се чуе, да се ислуша и друго мислење, дека секогаш има што да се научи, дека длабоките размислувања се многу поинтересни од површинските, дека некогаш грешиме и кога размислуваме и дека нема ништо страшно во тоа, важно е да се размислува и да се продолжи да се бара знаењето.

Колку е Вашето дете задоволно од предавачот?

Вега: Мартин е прекрасен, Мартин е најдобар наставник, Мартин секогаш нè слуша, секогаш нè оставаше да го искажеме своето мислење.

Дали би ја препорачале на пријателите и нивните деца?

АПСОЛУТНО! Ако сакаме здраво општество наша должност е да  ги научиме децата да размислуваат, да ги искажуваат своите ставови и да се борат за нив. А, третманот кој го добија од нивниот предавач, земајќи ги сериозно, водејќи ги нежно и внимателно, насочувајќи ги самите да доаѓаат до заклучоци, верувам на сите овие деца ќе им остави трајни промени во начинот на кој го гледаат светот и себе си во него.

Дали има нешто што не Ви се допадна или нешто што би сакале да се промени/подобри во часовите по филозофија со деца?

И јас и Вега сме со став дека треба да има и второ ниво. Да, ова е почетно, но овие деца се спремни за следно ниво, каде на едноставен начин би биле претставувани и конкретни филозофи и нивните учења. Ние го испробуваме ова со Вега и мислиме дека тоа добро функционира, таа разбира, се замислува и размислува. Мислам дека не смееме да ги потценуваме децата и нивните сознајни капацитети. Добро избрани филозофски содржини можат да им ги прошират хоризонтите и да им дадат основа за солидни мисловни и сознајни конструкти подоцна во животот.

Дали сте задоволни како Училница ги спроведе потребните протоколи за одржување на настава на далечина?

Неверојатно!!! Со толкава претпазливост, професионалност, внимателност.  Апсолутно имаме целосна доверба.

 


  • Развивање на критичко и творечко мислење и аргументирање
  • Развивање на сопствените ставови
  • Стимулирање на имагинацијата
  • Поттикнување на истражувачкиот дух
  • Подобрување на нивото на самодоверба
  • Стекнување на социјални вештини низ дијалог и игра
  • Создавање основа за подобар успех во останатите училишни предмети
  • Примена на мултимедијален методички пристап

Училницата за филозофија со деца е остварена во соработка со Филозофското друштво на Македонија и е наменета и адаптирана за деца во две возрасни групи од 7 до 9 години и од 10 до 12 години. Пријавите за новите термини се веќе отворени, прочитајте повеќе овде и пријавете го вашето дете на 075 28 6666

Автор: Училница

Со кликање на копчето „Ок, важи“ или со продолжување на користење на веб-страната, се согласувате да зачуваме колачиња за да го подобриме Вашето корисничко искуство преку анализа на употребата на веб-страната, подобрување на навигацијата и прикажување на релевантна содржина. Вашите податоци се безбедни! За повеќе информации проверете на Политика за приватност & Политика за „колачиња