Емоционална интелигенција – како да ја развиеме во рано детство?

Дали некогаш ви се случило да не сте сигурни како се чувствувате? Емоциите се субјективни и слоевити психички процеси кои тешко се комуницираат дури и кога си возрасен. Замислете сега, доколку ова ни се случува нас, како би се чувствувале децата, кога не можат или не знаат да ги разберат и изразат своите чувства.
Проблемот не е едноставен. Несоодветното препознавање и тешкотиите при емоционална комуникација може да доведат до: непослушни деца, тинејџери деликвенти, болести на зависност, стресно растројство, ментални нарушувања… Затоа исклучително е важно да се стремиме кон развивање на емоционалната интелигенција на нашите деца, почнувајќи од што е можно порана возраст.
Што е емоционална интелигенција?
Емоционалната интелигенција им помага на децата да имаат здрав и оптимален развој. Детето кое поседува висок степен на емоционална интелигенција има вештина да ги препознае своите емоции, да знае да ги разликува емоциите, знае да ги контролира своите емоции, како и да ги разбира емоционалните состојби на другите луѓе и следствено, свесно да ги избира своите мисли, чувства и дела.
Детето кое поседува високо ниво на емоционална интелигенција има способност да ги идентификува и да ги искажува сопствените чувства. Пример: тажен/а сум, среќен/а сум, лут/а сум на…Како и способност истите чувства да ги поврзе со одредено однесување. Пример: кога сум тажен/а плачам, кога сум среќен/а се смеам, кога сум лут/а сакам да скршам нешто и сл. Детето кое ги стекнало овие вештини понатаму може да ја развие вештината на пренасочување на чувствата.
За да му помогнете на детето да ја развива својата емоционалната интелигенција треба да му се понуди можност да ги изрази своите автентични доживувања на едноставен начин, да му помогнеме да научи без наша помош да ги решава своите проблеми. Воедно во одредени ситуации важно е децата да искусат и непријатни емоции без претерано да бидат заштитувани. На тој начин кај детето се зголемува самодовербата и способноста за справување со проблеми.
Како се гради емоционална интелигенција кај деца?
Емоционалната интелигенција се гради преку учество во различни социјални ситуации, преку контакти со врсници и други деца.
Ограничете го времето поминато пред компјутер, таблет или телевизор, поттикнувајте читање. Набљудувајте и забележете го однесувањето на децата, креирајте приказни со позитивни ликови со кои децата ќе може да се поистоветат. Поттикнувајте пријателства и давајте им избори, создадете активна и инспиративна средина, дајте им важност на детските емоции и цели.
Ваквите практики позитивно ќе влијаат на развојот на децата во подобри личности, детето има подобри шанси за успех понатаму во животот, во работната средина, во градењето пријателства, емоционални врски и семејство.
Ние како родители, едукатори, советници сме модели според кои детето учи. Искреноста, отвореноста и доследноста во изразувањето на нашите емоции пред детето, на јазик кој е соодветен на нивната возраст ќе доведе до правилен развој на емоционална интелигенција.
авторка: Зорица Николова
Лиценциран психолог со посебна лиценца од област на психологија на труд, магистар по правно-криминолошки и родови науки и семеен системски советник. Работи психолошко советување и психо-едукација на деца, млади и возрасни личности, психодијагностика, личен раст и развој и воедно активно ја применува семејна-системска психотерапија во работатa со индивидуалци, партнерства и семејства.