Blog
Зошто децата треба да учат филозофија?
- декември 27, 2020
- Објавено од: Училница
- Категорија: филозофија

Децата се родени филозофи. Помислете колку пати дневно вашето дете прашува „Зошто?“. Нивната природна љубопитност и имагинативност не треба да се замолчува, туку, напротив, поттикнува. Прочитајте зошто е корисно да ја учат и практикуваат вештината на мислењето од најмала возраст.
Имагинативниот и љубопитен детски ум многу често бара длабоки одговори за наједноставни појави кои нам возрасните ни изгледаат тривијални. Така децата знаат да постават прашања како што се: „Од каде доаѓа водата?“ и „Зошто ние мислиме дека животните се наши, ако животните не знаат дека се наши?“. На повеќето родители таквите прашања често им се здодевни и не знаат секогаш да ги одговорат, но апстрактните теми и новите појави за децата се многу значајни и го поттикнуваат нивниот интелектуален развој.
Младиот ум кој се сомнева и бара оправдување за општоприфатените норми инстинктивно тргнува во потрага по смисла, пишува независниот академски информативен портал The Conversation. Наместо да биде замолчувано и игнорирано, постојаното прашување и барање смисла треба да биде поттикнувано, со цел детето да размислува длабински и аналитички, и критички да оформува судови за нештата околу него.
Се покажало дека децата кои учат филозофија се разиваат во креативни возрасни индивидуи кои се поподготвени да се справуваат со проблемите на работното место. Тие подобро знаат како да размислуваат, како да разликуваат правилни од неправилни заклучоци и како ефективно да комуницираат со други луѓе.
Истражувањето на Стефан Милет и Алан Тапер од Универзитетот Куртин во Перт од 2012 година покажува дека примената на филозофски истражувања реализирани со групи деца во училиштата резултира со значајни когнитивни и социјални придобивки. Заедно со академскиот успех на учениците, се подобрува и социјалната димензија на образованието.
Покрај тоа, изучувањето на филозофијата носи и многу други придобивки за децата. Еве дел од нив:
Ги учи на критичко мислење
Во повеќето земји низ светот филозофијата се изучува во средно училиште и во повисоките нивоа на образование, иако има бројни показатели дека придонесот е далеку поголем доколку филозофијата и критичкото мислење се изучуваат од помала возраст.
Еден таков образовен модел е развиен од страна на непрофитната организација SAPERE која обучува околу 5500 наставници на годишно ниво да реализираат филозофски истражувања во редовната настава во основното образование.
Наставниците учат како да водат филозофски истражувања во кои учениците дебатираат на прашања како што се: „Што е уметност“, „Што е бегалец“, или „Ако децата го водеа општеството, што ќе се променеше?“.
Во 2015, Школата за образование при Универзитетот Дурам ги објави резултатите од нивното истражување кое покажува дека методот на SAPERE може да поттикне напредок на децата на полето на математиката и при читањето. Покрај тоа, овој метод, има силно позитивно влијание кај деца од социјално загрозени семејства, од маргинализирани групи и генерално кај деца од помалку привилегирани позиции во општеството.
Дополнителна значајна способност која се развива за време на часовите по филозофија со деца е емпатијата. За време на овие часови не се дискутира за и против личности, туку за и против идеи. Тоа значи дека децата развивајќи го критичкото мислење не само што ќе вежбаат како да аргументираат, туку ќе се оспособат како да го прават тоа без да ги повредат другите.
Овие вештини кај децата најдобро се развиваат преку користење разновидни методички средства како што се приказни, видеа, слики и игри кои иницираат прашања на теми како што се: морал, пријателство, вистина и слично. Затоа Училницата по филозофија претставува безбедна средина за децата и наставникот да дискутираат за идеи и да ја развиваат својата способност за дебатирање, а со тоа и нивната самодоверба.
Ги прави љубопитни и желни да поставуваат прашања
Британските филозофи Најџел Варбуртон и Дејвид Едмондс ангажирале 49 свои колеги да одговорат на прашањето „Што е филозофија?“. Се воочило дека и самото дефинирање на филозофијата е филозофско прашање. Одговорите биле различни, од „филозофијата е процес на рефлексија на најдлабоките поими“,„филозофијата е наоѓање смисла на постоењето“, „филозофијата е концептуален инженеринг“ до „таа е критичко размислување за социјалните, политичките и економските структури“.
Иако нема едногласна дефиниција за оваа дисциплина, она што е заедничко за сите одговори е дека филозофијата значи да се стави под знак прашалник природата и суштината на појавите, и да се трага по смислата во човековото искуство. Оттука, филозофијата нè учи како да поставуваме прашања. Таа ги учи луѓето да се сомневаат и да се прашуваат, да се трудат и да ги изнајдат вистинските прашања, и дополнително да ја потхрануваат својата љубопитност.
Ги учи како да мислат, наместо што да мислат
Критичкиот и аналитички пристап, поттикнувањето без наведување, како и оставањето доволен простор за елаборација им овозможува на децата полесно да оформуваат сопствено мислење, но и да го аргументираат.
Отворената дискусија, обработувањето на ставови и мислења и дефинирањето на апстрактни поими, им помага да учат како да мислат. Наспроти тоа, во класичните образовни модели често се бара од децата напамет да учат дефиниции и факти. Со тоа класичното образование ги учи што да мислат, а не како да мислат.
Ги учи на вредности и морал
Владата на Западна Австралија ги има издвоено учењето филозофија и способноста за критичка рефлексија како вештини кои кај децата развиваат важни индивидуални вредности. Таа препознава посебни вредности и вештини кои се стекнуваат низ учењето: грижа и сочувство, отсуство на дискриминација, одговорност, интегритет, доверба, стремеж од себе да се извлече најдоброто, слобода, разбирање, толеранција и инклузија.
Овие вредности за време на часовите по филозофија со деца се усвојуваат на две нивоа: преку размислувањето за нив, т.е. преку самостојно разјаснување на нивната суштина и значање и преку нивно практикување за време на самите часови низ дискусии кои се раководат според принципи и правила засновани на овие вредности.
Ги подобрува и останатите академски вештини
Поради сите претходно споменати причини, учењето филозофија им помага на децата во подобрување на нивните резултати и во други академски вештини.
Критичкото мислење, аналитичкиот пристап, размислувањето за суштината на појавите од секоја област, како и способноста да го ислушаат другиот и да ги аргументираат своете ставови ги прави подобри и покомплетни ученици.
Постојат голем број истражувања кои го потврдуваат позитивниот ефект на учењето филозофија врз другите дисциплини. Обемното истражување спроведено од страна на European Endowment Fund (EEF) во Англија на повеќе од 3000 деца во 48 училишта, покажало дека еден час по филозофија во текот на една училишна година, значително ги зголемило способностите на децата од областа на математиката и нивната писменост.
„На децата им беа понудени нови начини на размислување и изразување. Размислуваа пологично и нивните идеи беа многу подобро поврзани“, изјави Кеван Колинс, извршен директор на EEF.
Ова се само дел од придобивките кои ги носи изучувањето на филозофијата во забавна, безбедна и удобна средина. Нашата училница за филозофија со деца има цел да ги негува и развива детската вчудовиденост, љубопитноста, критичкото и творечко мислење и имагинацијата, врз база на принципот „не постои погрешен одговор“, без притоа детето да биде наведувано или да му бидат наметнувани гледишта и ставови кои самото низ својот критички апарат ги нема промислено. Покрај тоа, децата ќе истражуваат, ќе дебатираат и ќе се забавуваат со своите врсници во период кога стимулирањето на имагинацијата и социјализацијата им се повеќе од потребни! Училницата за филозофија со деца е остварена во соработка со Филозофското друштво на Македонија и е наменета и адаптирана за деца во две возрасни групи од 7 до 9 години и од 10 до 12 години. Дознајте повеќе детали овде или контактирајте нѐ на 075 286 666.