fbpx
Тамара Попов е мајка на Јан кој има 7 години и ја посетуваше училницата за астрономија. Како просветен работник повеќе од 10 години, беше навистина импресионирана од првичната идеја за претставување на основните поими во астрономијата на деца преку игра. Јан е многу паметно дете кое покажа неверојатен интерес за понудените теми, а ова е искуството на неговата мајка.

 


Кога забележавте дека Јан има љубопитност за астрономија?
Јан отсекогаш бил љубопитен за светот околу него, а особено она што не може толку лесно да го види и дознае. Поголемиот дел од денот го поминува со погледот кон облаците (особено кога се наоѓаме далеку од скопскиот смог и под ѕвездено небо) и постојано, онака детски, прашува „а, зошто?“ прашања. Тие прашања најчесто се однесуваат на положбата на нашата планета кон Сонцето и „како тоа секоја планета е со различна боја?“. Кога наидов на инстаграм профилот на Училница, речиси паднав од столчето од среќа и веднаш ги исконтактирав Училница. Кога Јан дозна за моите намери да му ги исполнам последните летни денови со учење за планетите, Сонцето и гледање низ телескоп, следеше „фала, мама“, приближно стотина пати во денот, до почетокот на курсот.

Зошто решивте да ја изберете Училница?
– Искрено, ми се допадна првичната идеја за претставување на амбициозни теми пред доста мали деца низ игра, а и имав шанса да погледнам и неколку видеа од претходните училници и да го проследам позитивното искуство на дечињата и задоволството на нивните родители. Училница е смислена од страна на млади и амбициозни луѓе, комплетно ослободени од прангите на класичното образование, кои очигледно ја препознаваат потребата на задоволување на љубопитноста на децата преку игра, што е водечки, а и доста успешен тренд во светот на неформалното образование.

Дали Јан сега е позаинтересиран за астрономија?
– Ако претходно го болеше вратчето од гледање во ѕвездите, сега ми се чини дека ќе му се укочи така. Јан е сега доста пољубопитен и иако допрва учи да чита, од сите во семејството бара илустрирани книги за Вселената и се труди да ги прочита објаснувањата на секоја слика, па бара од мене да висиме од тераса за да ги проследиме тие феномени. Она што е ново е дека сега чувствува одговорност да ги научи сите околу себе (родители, брат му, баби, дедовци, тетки и чичковци) за тоа која планета како се вика и како изгледа нашиот Сончев систем.

Кое беше најинтересното искуство на Јан со Училница?
– Мора да го издвојам часот кога Радан го постави телескопот. Стоеше пред мене и срценцето му чукаше како на зајак од возбуда. Убавото беше што и ние, родителите застанавме на ред како ученици и погледнавме низ телескопот, па се воодушевивме исто колку и децата. Целиот концепт беше интерактивен, па можам да кажам дека немаше час каде што децата беа пасивни.

Кои беа реакциите на Јан по часовите?
– По секој час, Јан чувствуваше одговорност да ме научи и мене за она што го дознал на часот дента. Возевме точак до дома, па имаше 40 минути да ми одржи едно прописно предавање. Воодушевувањето беше секогаш огромно, а јасно се гледаше и дека она што го научил, го сфаќа и знае да го примени во контекст.

Кој аспект од наставната програма Вам највеќе Ви се допадна?
– Кога ќе седнат млади луѓе и навистина ќе се позанимаваат со детската едукативна психологија, неминовни се позитивните резултати. Највеќе ми се допадна што средината за учење беше динамична и што секој час употребуваа различни алатки за да научат непто ново, притоа применувајќи ги сите начини на изучување (визуелно, тактилно итн.)

Дали би ја одбрале Училница повторно?
– Апсолутно. Училница нуди и продолжување на овој курс, а и други интересни курсеви што секое дете би требало да ги проба за да види каде навистина ќе се пронајде.

Дали сте задоволни како Училница ги спроведе потребните протоколи за одржување на настава?
– Како професор прочитав едно чудо протоколи за работа и можам да кажам дека едноставноста и ефикасноста на протоколите што ги спроведе Училница го направија овој курс апсолутно функционален во време на светска пандемија кога светот уште малку што не застана комплетно.

Одлики на училницата за астрономија

  • 8 часа предавања со ментор, во живо
  • Гради интерес за наука
  • Култивира интерес за учење и нуди незаборавно искуство
  • Помага да се разбере литературата и митологијата
  • Помага да се разберат дневните рутини, мерењето на времето, календари и слично
  • Истражување со вистински телескоп

Училницата за астрономија е намената за две возрасни групи од 6 до 9 години и од 10 до 14 години. Училницата трае 1 месец, а понатаму нуди можност за продолжување кон напреден модул од истата, кој е со времетрање од 3 месеци. Пријавите за новите термини се веќе отворени, прочитајте повеќе овде и пријавете го вашето дете на 075 28 6666

Автор: Училница

Со кликање на копчето „Ок, важи“ или со продолжување на користење на веб-страната, се согласувате да зачуваме колачиња за да го подобриме Вашето корисничко искуство преку анализа на употребата на веб-страната, подобрување на навигацијата и прикажување на релевантна содржина. Вашите податоци се безбедни! За повеќе информации проверете на Политика за приватност & Политика за „колачиња